А, како знаеш дека, слабееш?

Што пишува на вагата

 

Килограмите тежина сами по себе можеби не се секогаш најдобриот метод за да ги следиш промените на твоето тело. Имаме многу променливи како што се спиењето, стресот, фазата на менструалниот циклус и изборот на храна кои можат да го скријат губењето/добивањето килограми тежина преку задржување на водата и останати фактори.

Можеби ако обрнеш повеќе внимание на работи како, колку си гладен, како „се чувствуваш“ или како и колку облеката ти пасува (откопчуваш ли копче кога седнуваш, ајти), плус килограмите кои ги гледаш вагата, можеби, можеби ќе имаш подобра слика.

Алтернативата е да губиш нерви со дневни или неделни флуктуации во тежината од стотина грама. А тоа е едно чоколадо. 

 

Крајкраева, како минуваат неделите и месеците, тежината на вагата ќе оди надолу ако точно се придржувате до калорискиот дефицит или ќе се зголемува ако се придржувате до вишокот калории, ова важи за вас тројца слаби што сакате да се здебелите. Или за вас кои ја играте играта bulk/cut.

 

Тежина – лабаво!

 

Ако си забележал користиме главно лабави цели кога правиме муабет за слабеење/дебелеење, освен кога збориме за механизам за слабеење/дебелеење. Користиме лабави цели бидејќи така е полесно да гледаш подалеку од носот, како да го гледаш контекстот наместо да се опседнуваш со ситници и 50 грамски инкрeменти на вагата. Затоа подобро е малку да направиш зум аут и да имаш некој опсег на килограми кога збориме за „тежината“.

 

Ако некогаш си застанал на вага двапати во еден ист ден (недајбоже) и си доживеал масивен шок кога си видел 1-1,5 килограми разлика во вашата тежина, јасен ти е овој концепт - опсегот. (види гиф горе 👆🏻)

 

Нашата и твојата тежина може многу да варира, (колку многу е многу?) главно поради хидратација (имање вода во себе- дека ти текнува и Кире Лазаров е 70% вода), задржување вода и физички повеќе храна во нас! Ова е причината зошто е прилично бизарно кога некој ќе обзнани дека добил или изгубил четврт килограм, 250г, на крајот од една недела. Тешко е, човек со кичма ко нашата да остане сериозен после таков муабет.

 

Мислам 250 гр. Би било многу, многу, уште еднаш - МНОГУ тешко, прецизно со некаква сигурност да се утврди дека твојата тежина е сигурно променета за толку, а не е самото тоа што во тој момент имаш малку помалку/повеќе не сварена храна во твојот организам, или си повеќе хидриран или не си бил во тоалет. Мислам 250г, неделно! 

 

Еве еден тест: измери се сабајле, веднаш по станување – уринирај – измери се потоа. Успех, слаба си. „Детоксот“ работи!

Подобар начин за следење на промените во тежината е да се користи „опсег на килограми“. 

Пази ваму, ако сега кога се качувам на вага дневно гледам тежина некаде меѓу 75-77 кг, можам да го користам тој опсег од 2 кг како мој сегашен опсег. Кога ќе го започнам мојот план за слабеење, во првата недела веројатно, можеби дневното мерење на вага ќе биде насекаде во тој опсег.

Во текот на следната недела, ќе бидам прилично среќен со напредокот ако почнам да гледам некои денови каде бројот е помал од 75 килограми и малку или воопшто да нема денови кога е повеќе од 77 килограми. Следните недели можеби ќе почнам да гледам дека опсегот се движи повеќе кон 74-76 кг, некои денови е 74 кг и нешто ситно, а некои денови е поблиску до 76 кг. Неколку недели подоцна опсегот веројатно може да биде некаде меѓу 73-75 кг.

Е сега, до овој момент можам да бидам прилично сигурен дека мојата тежина е намалена за околу 2 кг, иако е можно да гледав на вагата 75 ​​кг и во првата и во третата недела. Во првата недела ова ќе беше долниот „крај“ од мојот опсег, ама во третата недела ќе беше највисокиот број што и ретко го гледам. Важната разлика е тоа што до третата недела, некои денови ќе видам тежина околу 73 кг и никогаш нема да видам тежина 76 или 77 кг.

Истиот процес може да се користи кога се зголемува тежината! Пак, тоа за вас 3ца слаби и сите вие „биберици“*.

Мерење секој ден - секој е*%# ден!

Секојдневното „мерење“ често се смета за ТАБУ меѓу серијал диеташи**. Или се смета како опсесивно или „премногу буљање у вагата“. Мислам дека ова е вистина само ако се става премногу значење на кое било мерење. 

Да лошо е, ако вагата се мрднала од 74,6 кг на 74,8 кг од понеделник до вторник и те натера да мислиш дека се дебелееш и плус те натера да почнеш да го преиспитуваш целиот твој план од 12 седмици или да си речеш „заеби ова не функционира“, тогаш ДА, мерење секој ден е проблем. Ама не е само мерењето проблем во овој случај 🤔.

Меѓутоа, ако знам дека ќе се „проверувам“ секој ден, може ќе почнам да забележувам колку мојата тежина ќе оди нагоре и надолу и ќе научам дека слабеењето не е песмалета ама и не е толку тешко. Нема да славам не контролирано ако тежината на вагата паднала едно кило преку ноќ, ниту ќе се депримирам ако не „мрднала“ од понеделник до вторник.

Наместо тоа, може да имам пообјективен поглед кон тоа, како се движи тежината со текот на времето. Кој е трендот. Накај иде.

Ако пет од седумте мерења оваа недела покажат некаде околу 74,5 кг и две биле 75 кг, ќе знам дека реално тежам приближно некаде помеѓу овие две. Ако следната недела видам повеќе пати 74 килограми отколку 75 килограми, тоа е веројатно добра вест за моето слабеење. Вака имате повеќе контрола и вагата и тежината ви дава контекст и перспектива за тоа што се случува.

Алтернативата е да се мериш еднаш неделно/месечно и да ги ставите сите лубеници под мишка.. Да го ставиш целиот Ајвар во подрум - несвесен за можна кражба!.. Да ги ставиш сите јајца во една кошница, шо би рекле од јуесеј… 

Што ако мерењето минатата недела беше нетипично ниско од било која причина, а оваа недела беше нетипично високо. Ова може и ќе ти даде неточна слика на реалноста и ќе ти ја сруши довербата во твојот план, на крај ќе речеш „заеби, ја се мачам цела недела за џабе“ и ќе се откажеш. А можеби вистински ти оди, добро. Океј. 

Мој совет, без разлика колку често се мерите, е да не ставате премногу значење на едно изолирано, единствено мерење, туку да барате трендови во тежината со текот на времето (недели и месеци). Користете опсег во тежината од 1,5-2 кг за да ја дефинирате вашата моментална тежина и прилагодете го тој опсег кога почнуваат да се појавуваат помалку кг на дисплејот и почнуваат да исчезнуваат тие повеќе кг на вагата. 

Ако пак целта е зголемување на телесната тежина, ова ќе биде спротивно. Со текот на времето, „помалата тежина“ во опсегот ќе почне да се појавува поретко/нема да ја има и ќе почнат да се појавуваат повисоки бројки. Ова е добар знак за постојано зголемување на телесната тежина.

*биберица - гледај Sedam Ipo.

** диеташи - цел живот се на некоја диета, која очигледно функционира.

Previous
Previous

Ти + твоите фитнес цели + реалниот живот = !

Next
Next

Мобилност контра флексибилност: што те буни?