Рециклирај го стариот леб

Знаеме дека за време на карантинот/полицискиот час/пандемијава, освен што вежбате онлајн со нас, тоа е добрата вест, трошите брашно како да сте погон за правење леб. Што е, исто добра вест. Недостасува веста: што правите со остатоците?

Следејќи го нормалниот канал за слики од храна и рецепти - Instagram + срч на било кој шеф, фотограф, вежбачка, абе било кој, забележавме огромен скок во сликите со, wait for it, ‚‚ЛЕБ‘‘!

Леб со тип 400, со тип 500, со маја, со стартер, со спелта, со хељда, со ‚‚не знам веќе што‘‘, сецнат на пола, сецнат па направена плетенка, сецнат па со сецките направен портрет на Дејвид Боуви…

Actual Фото од вашиот дом - лебари

Actual Фото од вашиот дом - лебари

Е така. Еден од поинтересните процеси е, станувањето пекар на ‚‚кисело тесто‘‘?!, кисел леб?!, саурдоу?! Знаете, лебот што го правите 2 недели. Со стартери, со хранење на стартерот.

Ако ова што го читате ви нема апсолутно никаква врска - кај живеете, sourdough е хит над хитовите на Грам.

Ако сакате да ја започнете таа авантура на правење ваков кисел леб еве:

  1. тука имате се околу науката за кисел леб, бујрум.

  2. тука имате визуелен водич - како да направите стартер и како треба да би личи стартерот од ден 1 до ден 11

  3. што? сакате 100 рецепти за леб што се топи?

Е така, втор пат.

Знаеме дека ова со лебов не е баш така лесно како гледање слики на инстаграм и веројатно нема да ви успее од прва, ама има ли лош домашен леб?

НЕЕМА! Неема. Не ќе се на-пра-ви ♬!

Нема лош леб, кој вие сами сте го направиле од брашно и вода и некоj микроорганизам, па вие сте магионичар. Што ако од прва не успее! Ќе пробате пак. Па, пак и ќе завршите со 24 векни леб, кој иако е вкусен и мириса на леб, не знаете веќе за што да го искористите. Сте дале на пријатели, родители, куче, врапче и пак имате вишок.

Рециклирајте го. Еве ние ќе ви кажеме како да си направите една верзија на панѕанела. За жал, да ја пробате во Италија - ќе почекате.

Ова е вашата, панѕела!

Ова е вашата, панѕела!

Вака, прво што ви треба:

  • Состојки:

    4 праски, на пола

    4 парчиња стар леб, кисел нели, малку протријте лук на лебот

    5-6 домати, убави каква сорта сакате, мали/големи..

    1 мал црвен кромид, ситно сецкан

    3-4 китки естрагон потрудете се да најдете

    околу 30 грама сино сирење, сами изронете го

    За дресингот или vinaigrette за вас шефови:

    1 лажичка Дижон сенф

    1½ лажици балсамиран оцет

    Маслиново масло, знате какво треба да биде, за тоа сме пушувале тука.

    1½ ситно сецкан власец

    1 чешне лук, ситно ситно сецкано

    сол

    свеж црн бибер.

  • Начин:

    1. Намачкајте ги праските и лебот со малку масло и ставете ги на да се потпечат по 3 мин на страна, користете скара или грил тава. Почекајте да се направат линии на лебот а праските да омекнат. Оставете ги сега да се изладат праските, а лебот сецнете го на коцки.

    2. Изматете го дресингот. Со маталка. Со рака. 

    3. Одберете некоја убава чинија, голема. Наредете ги прво доматите, па праските па црвениот кромид, па естрагонот и синото сирење. Фрлете ги коцките леб и истурете го дресингот.

За повеќе рецепти, не го следете нашиот инстаграм акаунт ама за се друго, следете не и ❤️

Previous
Previous

Твојата работа не е: 👉🏻 Фитнес ЕКСПЕРТ!

Next
Next

Најдобриот лош избор: Телефон по сабајле