Два мита кои ја изместуваат логиката и телото

Кафе муабет. Пријателка: ”Слушнав за овој новиов вид на вежбање, буквално ги топи мастите од стомакот.” Замалку ќе се задавев од кафето и се потрудив да не ги превртам очите наопаку. По гооодиини во фитнес индустријата, напишани безброј написи, огромен број на истражувања и инструктор во една од најголемите организации за сертификација, мислам дека знаеме подобро. Но, колку и да се трудам да и ја објаснам науката за губењето на масти на пријателката таа секогаш на крајот останува заслепена од светкавите реклами, билборди, инстаграм спонзорирани постови и маркетингот на ”последниот WOW фитнес тренд”. Митовите се за Грчките богови и за нив и треба да останат, не се за оние кои сакаат да разберат како функционира вежбањето и да добијат резултати. Без некој особен редослед, време е малку да се позанимаваме со два концепти кои никако не исчезнуваат: таргетирано слабеење и локализирано развивање на мускули.

Мит #1- Таргетирано слабеење

Прво да го разгледаме законот за Термодинамика. За да губиме масти треба да трошиме повеќе калории отколку што внесуваме. За да ”изгориме” еден килограм, со големи букви ЕДЕН КИЛОГРАМ масти, треба да направиме калоричен дефицит од приближно 7000 калории седмично или околу 1000 калории помалку дневно. Според American College of Sports Medicine (ACSM) телото може безбедно да зогорува од 0.5 до 1 килограм седмично. Меѓутоа вешите гени а не вие и вашите желби, ќе решат кои масни резерви први ќе се потрошат. Доколку не може да ги изгубите оние досадни и тврдоглави масти на рацете, бутовите и стомакот, треба да направите дополнителни ”консултации” и пресметки со области како, правилна исхрана, кардиоваскуларен тренинг и тренинг со отпор. Тренингот со тежини, немој да мислите на кревање на 300 кг тегови, било каков тренинг со отпор, а тоа може да биде и тренинг со вашата сопствена тежина, мисли на склек, може да ви помогне да изградите добри мускули под целото тоа сало (кои ќе изгледаат супер доколку го изгубите) но нема да ги елиминараат мастите од тој дел. Баш ми е жал! Каде и колку ќе изгубите масно ткиво, зависи од вашите гени а не од вежбите кои ги изведувате.

Мит #2 – Локализирано развивање на мускули

Може сте слушнале дека некои вежби може да ги ”напумпаат” мускулите или може да ви овозможат дополнителна дефиниција на дел од мускулот. Секој ден слушаме како некој ги развил ”долните стомачни”, ”центарот на градите, inner pec”. Вистината е далеку од ова. Вистината е во физиологијата на мускулите. Треба да запаметите еден закон, тоа е законот: all or none, цел или ништо/никој. Овој закон вели, кога едно мускулно влакно ќе добие наредба од нервниот систем, целото мускулно влакно ќе се активира, од почетокот до крајот. Значи или целиот мускул е активен или целиот не е активен. Не може да го активираме бицепсот до пола па таа половина да ни рипне! 
Како и претходниот така и овој мит, гените се тие што ќе преодредат како ќе ни изгледаат мускулите, па заблагодарете им се на родителите. И вистина е дека може да ја зголемиме мускулната маса, видете го Арнолд, но некои имаат ”среќни” гени. На пример, некои имаат среќа па нивниот бицепс изгледа како топче без да биде во контракција но некои имаат помало мускулно стомаче и поголеми тетиви па за да го видиме топчето треба убаво да стегнат. На крај, вежбајте со тоа што го имате. 
 

Да подвлечеме...

Никој не сака да носи лоши вести но најдобро е да ја знаете вистината. Секој има свој генетски потенцијал кој со правилна насока може да ве однесе на местото на кое сакате да бидете, баталете ги сите тие, последни фитнес трендови.

Previous
Previous

Save the Date

Next
Next

Како дарувавме